Често поставувани прашања

Веќе имам полни 26 години. Дали имам право да учествувам на конкурсот?

Сè дури не наполните 27 години до крајниот рок за пријавување, имате право да учествувате.

За крајниот рок 3 април 2020 година, кога треба да биде издадено изворното дело?

Делото не треба да е издадено пред 3 април 2017 година, три години пред рокот.

Дали делото смее да биде објавено во превод на македонскиот пазар?

Делото не смее да биде објавено во превод на целниот јазик на кој преведувате, ниту на нашиот пазар ниту во странство.

Ако изворното дело е на шпански, дали авторот мора да биде од Шпанија или може да биде и од Латинска Америка, на пример?

Потеклото на авторот не игра улога. Важно е делото да биде првично објавено во земја-членка на ЕУ, на еден од службените јазици на Унијата.

Дали изворното дело мора да биде издадено во ЕУ?

Да.

Може ли да користиме преведувачки забелешки?

Се разбира дека може, само внимавајте да не го одвлекувате вниманието од главниот текст со премногу објаснувања и да не ги користите белешките за да ги правдате своите преводни решенија. Дозволете преводот да зборува за себе.

Дали, пред поднесувањето на пријавата, некој треба да го лекторира текстот?

Не е задолжително; тоа е личен избор на учесникот, кој понатаму одговара за преведениот текст како целина. Доколку се решите за лектура, може да го пријавите текстот како заеднички труд со лекторот, кој треба да ги исполнува условите за учество во конкурсот и да биде вклучен во пријавата.

Одлично го познавам шпанскиот јазик, имам меѓународна потврда, но не сум овластен судски преведувач. Дали ги исполнувам условите за учество или, пак, конкурсот е отворен само за одредена група преведувачи?

Конкурсот не е ограничен на ниту една група преведувачи. Единствените ограничувања се возраста на учесниците и изворните и целните јазици.

Дали постои список изворни дела од кој преведувачот треба да избере текст за превод?

Не, не постои таков список. Учесниците може да изберат кое било изворно дело што ги исполнува критериумите наведени во конкурсот.

Дали постои интернет-страница на која може да проверам дали делото веќе е преведено на македонски јазик?

Да, во дигиталниот заеднички каталог на македонските библиотеки ќе ги најдете сите дела објавени во земјава, на кој било јазик: https://plus.mk.cobiss.net/opac7/bib/search?q&db=cobib&mat=allmaterials. Слични такви каталози постојат и во некои од соседните земји, како Србија и Албанија, на пример.

 

Како да проверам дали делото е првично издадено во Европската Унија, со оглед на тоа што авторот може да потекнува од земја надвор од Унијата?

Податоците за местото, како и годината на издавање, но и за бројот на изданието, се наоѓаат во импресумот на секоја книга. Дури и да немате пристап до книгата, со мало истражување на интернет лесно ќе дојдете до тие податоци. Во електронските каталози, како каталозите на издавачите, на пример, честопати има приказ на примерок од книгата, кој најчесто го вклучува и импресумот. Изворниот текст треба да биде првично објавен во ЕУ во последните три години. Освен тоа, доколку авторот, без оглед на потеклото, живее и работи во земја-членка на ЕУ, големи се шансите делото да ги исполнува потребните критериуми.

Дали авторските права играат каква било улога во пријавувањето, или во објавувањето на победничките текстови?

Преводот на кус извадок од текст за учество во натпревар не задира во авторските права бидејќи повеќето пристигнати текстови воопшто нема да се објават. Што се однесува на победничките текстови, списанието Културен живот води грижа да нема повреда на авторските права при објавувањето, во согласност со законските прописи во оваа област.

Дали е дозволено да доставам превод на цела книга, како на пример роман од стотина страници? Има ли ограничување на должината на пријавениот текст?

Пријавениот превод треба да е долг од 3000 до 5000 збора. Доколку доставите цела книга, комисиите ќе разгледаат и оценат извадок со бараната должина.

Кои документи ми се потребни за да се пријавам?

Покрај примерок од изворниот текст и од преводот, под шифра од пет знака, потребно е да испратите пополнета пријава, мотивациско писмо и копија од личната исправа на следнава електронска адреса: Babyloncompetition@euhouse.mk. Поподробни објаснувања околу постапката за пријавување ќе најдете на Како да се пријавите.

Кога треба да ја испратам пријавата за да учествувам во конкурсот?

Пријавата, заедно со целата придружна документација, треба да ни ја испратите најдоцна до крајниот рок, кој секоја година е на првиот работен ден во април.

Кој е одговорен за приемот на пријавите?

За приемот на пријавите е одговорна Делегацијата на ЕУ во Скопје.

До кога точно си прифаќаат пријавите?

Сите пријави што ќе пристигнат до 23:59 часот на денот од крајниот рок ќе бидат прифатени.

Што треба да содржи мотивациското писмо и колку треба да биде долго?

Мотивациското писмо не е препорачливо да биде подолго од две страници, но тој предуслов не е особено строг. Поважно е во него да го слушнеме Вашиот глас, па со свои зборови да ни опишете што Ве поттикнало да се пријавите на конкурсот и зошто токму со текстот што сте го избрале.

Со оглед на истапувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија, какви книжевни дела на англиски јазик можам да изберам како изворни текстови?

Книжевни дела на англиски јазик првично објавени во Република Ирска или Малта, на пример. Сè дури делото е првично објавено во земја-членка на ЕУ, на еден од службените јазици на Унијата, се квалификува како изворен текст за превод во натпреварот.