За почеток, изберете прозно дело – без разлика дали е роман, новела, расказ, или документарна проза – напишано на еден од службените јазици на земјите во Европа што би сакале да го преведете на некој од јазиците што се зборуваат во Северна Македонија (македонски, албански, турски, ромски, српски, влашки). Се разбира, за да учествувате во конкурсот и да станете потенцијален добитник на наградата, не очекуваме да преведете цел роман или мемоар туку извадок или покус текст во должина меѓу 3000 и 5000 збора. Веќе е полесно, нели?
Сепак, во име на натпреварувачкиот дух и за да ги докажете и вашите истражувачки способности, при изборот на изворниот текст ќе треба да исполните три важни услови: делото да е првично објавено во европска земја на еден од службените јазици на земјите во Европа, најмногу пет години пред датумот за доставување на пријавите и да не е преведено на целниот јазик на кој ќе преведувате, како ни во соседните земји.
Во делот Корисни линкови за потенцијалните учесници ви оставивме примери од места каде што би можеле да го најдете насловот што ќе ви фати око. Нашиот список е далеку од конечен, но може да ви даде идеја како да барате понатаму: на интернет-страниците на националните библиотеки или издавачките куќи во соодветните земји, на нивните културни центри во Република Северна Македонија, во електронските изданија на дневните и неделните весници, или, пак, на културните и книжевните списанија.
Доколку сакате да проверите дали делото е веќе преведено на македонски јазик, тоа може да го сторите на страницата на Кооперативниот онлајн библиографски систем и сервиси: https://www.mk.cobiss.net/. За некои од другите јазици што се зборуваат во Северна Македонија, ќе треба да проверите на слични такви платформи во други земји, како на пример: https://al.cobiss.net/, https://sr.cobiss.net/, или http://www.mkutup.gov.tr/en/Sayfalar/default.aspx.
Бидејќи за потребите на конкурсот ќе преведувате раскази или покуси извадоци од книги, имате одлична можност да воспоставите соработка со колегите што работат со истиот изворен јазик. Може, на пример, заеднички да најдете и да набавите дело, а потоа другарски да си распределите извадоци или покуси текстови на кои ќе работите самостојно или во групи.
Кога сме кај соработката, на конкурсот може да се пријавите со превод што сте го изработиле сами или, пак, заедно со друг(и) преведувач(и). Доколку сметате дека со некого имате сличен пристап кон преведувањето или дека убаво се надополнувате, искористете ја можноста што ви ја нуди „Вавилон“ и испратете превод што ќе биде заеднички труд на група од најмногу тројца преведувачи. Ако, пак, претпочитате да работите самостојно, испратете ни превод што сте го сработиле сами. А ако ви е тешко за изберете бидејќи ве влечат и двете можности, или, пак, не можете да се решите за само еден изворен текст, имаме решение и за вас. Секој учесник може да испрати до три посебни пријави, па може да пробате од сè по малку.
Откако ќе го завршите преводот – или преводите – што понатаму? Не грижете се, ви преостануваат уште само неколку ситници, кои, штом сте стигнале дотука, за вас навистина се мачкина кашлица.
За почеток, симнете ја , пополнете ја и скенирајте ја. Потоа, напишете ни мотивациско писмо во кое ќе ни објасните што ве поттикна да се пријавите на конкурсот, со која цел се пријавувате и како се решивте токму за вашиот изворен текст. Писмото може да биде на послободен јазик, сакаме да го слушнеме вашиот автентичен глас и што е она што ве привлекува во книжевниот превод.
Потоа скенираната пријава, мотивациското писмо, изворниот текст, преводот и копија од вашата лична исправа испратете ги на адресата: babylonaward2024@gmail.com.
Притоа внимавајте на неколку подробности. Во примерокот од изворниот текст не заборавајте да ги вклучите оригиналниот наслов и името на авторот и погрижете се да има нумерирани страници.
Не заборавајте да ги нумерирате и страниците во вашиот превод, кој ќе биде во фонтот Times New Roman, со големина на буквите 12 и со двоен проред.
Притоа, за да се задржи анонимноста на преводите, внимавајте вашето име да не стои никаде ниту на изворниот ниту на преведениот текст. Преводот испратете ни го под шифра од пет знака што самите ќе ја изберете, а доколку испраќате повеќе преводи, за секој ќе треба да ни засебна пријава со комплетната документација и засебна шифра.
Рокот за доставување на пријавите секоја година е првиот работен ден во месец април.
Кога ќе ја испратите пријавата на babylonaward2024@gmail.com или ќе го испратите преводот електронски преку онлајн пријавата ќе добиете потврда дека е примена. Преводите минуваат низ три круга на селекција, од кои првиот е чисто формален, при што утврдуваме дека пријавата е целосна и коректна и дека ги исполнува сите критериуми. Преводите потоа минуваат низ двојазични и еднојазични проверки, кои ги вршат искусни преведувачи, автори и универзитетски професори, кои ги оценуваат не само на исправноста на преводот туку и структурата и граматиката на целниот јазик, лексиката и изразот и стилот.
Со оглед на тоа што конкурсот е отворен за преводи на повеќе целни јазици, се доделува по една прва награда за секој целен јазик, но Организацискиот одбор го задржува правото да не додели награда или да додели дополнителни признанија и пофалници доколку смета дека тоа е потребно. Претставник од Делегацијата на Европската Унија ќе ги контактира учесниците пред доделувањето на наградата и ќе ги покани да присуствуваат на свечениот настан, кој традиционално се одржува на 26 септември, Европскиот ден на јазиците, кога се најавува и наредното издание на конкурсот.
Ако имате дополнителни прашања околу постапката за пријавување, слободно обратете ти се на babylonaward2024@gmail.com.