На четвртото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ пристигнаа пријави од седум изворни јазика – англиски, шпански, италијански, германски, холандски, хрватски и полски – во превод на македонски, односно албански јазик.
Првонаградени во ова издание се два превода: преводот од шпански на македонски јазик на извадок од делото Билет за Тахити од Ева Гарсија Саенз, во изработка на Сара Илиевска, како и преводот од англиски на албански јазик на извадок од Коскени часовници од Дејвид Мичел, кој го изработи Ардита Зулфиу. На свеченото доделување, кое се одржа на Европскиот ден на јазиците, 26 септември 2017 година, во Трговскиот центар „Рамстор“, наградите на добитниците им ги врачија Амбасадорот на ЕУ во земјава, Самуел Жбогар, и претседателката на Организацискиот одбор на „Вавилон“ и на ЗПРМ, Огнена Никуљски.
Покрај тоа, пофалници добија и Рина Јанкуловска, за преводот од француски на македонски јазик на извадок од делото Големиот морнар од Катрин Пулен, и Ардита Зулфиу, за преводот од англиски на албански јазик на извадок од романот Невработена од Лиса Овенс.
Првонаградените Сара Илиевска и Ардита Зулфиу добија парична награда во вредност од 500 евра во денарска противвредност, како и едногодишно активно членство во ЗПРМ, а нивните преводи беа објавени во списанието Културен живот.
За промоција на новиот конкурс, Здружението одржа и 5 информативни сесии и преведувачки работилници во Скопје, Штип и Тетово, на кои присутните се информираа за конкурсот, но имаа и можност да вежбаат преведување книжевни текстови од повеќе службени јазици на ЕУ на јазиците што се зборуваат во државата.
Исто така беше подготвен и документ со најчесто поставуваните прашања за наградата и нивните одговори кој беше објавен на интернет-страницата на Здружението.
Наградата е промовирана во државата дома и во странство, преку електронските медиуми и каналите за комуникација на Делегацијата и ЗПРМ.