Резиме на петтото издание на „Вавилон“ (2018)

На петтото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ пристигнаа пријави од седум изворни јазика – англиски, германски, шпански, италијански, хрватски, холандски и полски – на два целни, македонски и албански.

Првонаградени во ова издание на „Вавилон“ се два превода: преводот од шпански на македонски јазик на извадок од делото Мојата вистинска приказна од Хуан Хосе Миљас, во изработка на Никола Спасовски, како и преводот од шпански на албански јазик на извадок од делото Лавиринтот на духовите од Карлос Руис Сафон, во изработка на минатогодишната добитничка Ардита Зулфиу. Наградите ги доделија претставник на Делегацијата на ЕУ во земјава, Фрек Јанмат, и претседателката на Организацискиот одбор на „Вавилон“ и на Здружението на преведувачи ЗПРМ, Огнена Никуљски.

Покрај наградените, пофалени беа и Адријана Трајанова, за својот превод од германски на македонски јазик на извадок од делото Да се имаме еден со друг од Луизе Мајер, како и Марио Стојаноски за преводот на извадок од Неземниот израз на неговите раце од Миљенко Јерговиќ, од хрватски на македонски јазик.

За добитниците на наградата, Никола Спасовски и Ардита Зулфиу, беше организирана посета на Меѓународниот саем на книгата во Мадрид. Освен тоа, наградените добија бесплатно едногодишно активно членство во ЗПРМ, а преводите им беа објавени во списанието Културен живот.

Како и секоја година, информациите за наградата беа споделени во медиумите и преку електронските канали за комуникација и Делегацијата и на Здружението. Покрај тоа, за поширока промоција и информирање на што поголем број заинтересирани се одржаа 5 информативни сесии и преведувачки работилници во Скопје, Штип, Тетово и Битола.