За Вавилон

Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ е основана во 2013 година, на иницијатива на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, а конкурсот партнерски го организираат Делегацијата и Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ).

Првпат доделена на Европскиот ден на јазиците, 26 септември 2014 година, а оттогаш, секој нареден конкурс се објавува во септември, по доделувањето на наградите за тековната година.

Наградата е наменета за млади преведувачи на возраст до 26 години, државјани на Република Северна Македонија, кои преведуваат од официјалните јазици на Европската Унија на јазиците што се зборуваат во државата. Конкурсот се организира во форма на натпревар, при што кандидатите испраќаат преводи на извадоци од прозни книжевни дела по свој избор во должина од 3000 до 5000 збора. Според условите во конкурсот, делата треба првично да се објавени во земја-членка на ЕУ најмногу три години пред рокот за поднесување на пријавите и да не се преведени на целните јазици опфатени во конкурсот. Наградата е своевиден пилот-проект. Според нашите истражувања, ова е засега единствениот натпревар од ваков вид во Европа, па и во светот: опфаќа преводи од повеќе изворни јазици – сите службени јазици на ЕУ – на повеќе целни јазици, односно на јазиците што се зборуваат во Република Северна Македонија.

Во секое издание може да доделат онолку први награди колку што има целни јазици на кои пристигнале пријави. Од петтото издание наваму, наградата се состои од престој на меѓународен настан поврзан со книжевноста, издаваштвото и/ли преведувањето во земја-членка на ЕУ (додека до четвртото наградените добиваа парична награда во износ од 500 евра во денарска противвредност); едногодишно активно членство во ЗПРМ, кое го покрива Здружението и важи 15 месеци, до истекот на наредната календарска година, како и објавување на првонаградените преводи, делумно или во целост, во списанието Културен живот како првичен чекор во пошироката афирмација и градењето на професионалните биографии на добитниците.

Досега се заокружени седум изданија на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ и доделени се вкупно дванаесет први награди, седум од кои се за преводи на македонски јазик, две за преводи на турски и три за преводи на албански јазик. Притоа, воспоставена е долгорочна соработка меѓу ЗПРМ, Делегацијата на ЕУ и културните дејци во Република Северна Македонија.

ЗПРМ ја претставува Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на своите годишни конференции, кои се со регионален и меѓународен карактер, како и на меѓународни конференции на преведувачи, меѓу кои и на Третата меѓународна конференција на Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI) во Бордо во септември 2015 година, како и на Годишното собрание на Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL) во Барселона во 2016 година, по што ЗПРМ стана и полноправна членка на Советот, па сега поднесува извештаи за своите активности и пред годишните собранија на оваа значајна мрежа од здруженија. Во 2016 година ЗПРМ ја номинира наградата „Вавилон“ на натпреварот за 100 најдобри проекти во јазичната индустрија, Language Industry Awards. Наградата се најде меѓу финалистите и го освои дваесет и седмото место.