Третото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, партнерски проект на Делегацијата на ЕУ во земјава и Здружението на преведувачи ЗПРМ, беше најавено на 26 септември 2015 година, во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на јазиците.
На третото издание на конкурсот за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ се пријавија преведувачи од пет изворни – англиски, словенечки, италијански, француски и германски – на два целни јазика, македонски и турски.
По двојазичната и еднојазичната проверка и сумирањето на резултатите, најмногу поени освоија преводот од италијански на македонски на дел од романот Теорија на сенките од Паоло Мауренсиг во изработка на Даниела Здравковска и преводот од англиски на турски јазик на извадок од делото Тагата е пердувесто нешто од Макс Портер во превод на Јусуф Санберк. Наградите беа доделени на 26 септември 2016 година во свечената аула на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Со оглед на тесната разлика меѓу првите три места за превод на македонски јазик, како и претходните години, Организацискиот одбор реши да им додели пофалници и на преведувачите пласирани на второто и третото место: на Марија Коцевска и Ана Димевска, за преводот од француски на македонски јазик на извадок од делото ХХХ од Агнес Дезарт, и на Елена Кркулева за преводот на извадок од романот Суровост на Никола Лаџоја, од италијански на македонски јазик.
Како и секоја година, на доделувањето беше најавено и четвртото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“.
По успешното претставување на концептот на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на конференцијата на Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI) во Бордо во 2015 година, Здружението на преведувачи ЗПРМ доби покана за членство, а од 2 јуни 2016 година и официјално стана полноправна членка на Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL). Нашата претставничка Калина Јанева, која на покана од потпретседателката на Советот Сесил Денијар присуствуваше на нивното годишно собрание во Барселона, и во оваа пригода зборуваше и за Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ пред колегите од цела Европа.