Резиме на шестото издание на „Вавилон“ (2019)

Во шестото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ пристигнаа пријави од пет изворни јазика – англиски, германски, италијански, шпански и чешки – на два целни, македонски и српски.

Првонаграден во ова издание на „Вавилон“ е преводот од германски на македонски јазик на извадок од делото Таинствена насмевка на Бетина Шторкс, во изработка на Елена Митричка. Наградата  на добитничката ѝ ја врачија амбасадорот Самуел Жбогар, шефот на Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија, и претседателката на Организацискиот одбор на „Вавилон“ и на ЗПРМ, Огнена Никуљски.

Освен едногодишното активно членство во ЗПРМ и објавувањето на преводот во Културен живот, Елена ќе биде наградена и со престој на Саемот на книгата во Франкфурт, Германија, во октомври 2020 година.

Пофалници добија и Елена Стрезоска и Стојанка Николова за преводот од германски на македонски јазик на извадок од делото Сплавот на Медуза од Франц Штефан Грибл, како и Ивона Герасимовска, за преводот на извадок од делото Сенка  на Мелани Рабе, исто така од германски на македонски јазик. 

Конкурсот беше објавен на македонски, англиски и албански јазик во печатените и на електронските медиуми, а дополнителни промотивни материјали беа доставени до филолошките факултети на сите домашни државни и приватни универзитети, како и до ЕУ инфо точките во повеќе градови низ државата. Покрај тоа, претставници на Организацискиот одбор, на Делегацијата и дел од минатонаградените млади преведувачи гостуваа и на националните телевизии  со цел информациите за конкурсот да стигнат до што поширока публика.

Во рамките на овој циклус се одржаа 5 информативни сесии и преведувачки работилници во Скопје, Штип, Тетово и Битола, на кои присутните имаа можност да преведуваат текстови од повеќе службени јазици на земји-членки на ЕУ на македонски и на албански јазик.