За Вавилон
Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ беше основана во 2013 година, и првпат беше доделена на Европскиот ден на јазиците, 26 септември 2014 година.
До 2024 година, Конкурсот за Наградата „Вавилон“ беше партнерски организиран од Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ) и Делегацијата на ЕУ во Република Северна Македонија.
По десет години успешна соработка со Делегацијата на ЕУ, од 2024 целосната организација на Конкурсот, сега со малку видоизменет и подновен концепт ја презема Здружението на преведувачи и толкувачи (ЗПРМ) под име Конкурс за Награда за најдобар млад преведувач „Вавилон ЗПРМ“.
Наградата е наменета за млади љубители на книжевноста заинтересирани за превод, на возраст до 26 години, државјани на Република Северна Македонија, кои преведуваат од официјалните европски јазици на јазиците што се зборуваат во државата. Конкурсот се организира во форма на натпревар, при што кандидатите испраќаат преводи на извадоци од прозни книжевни дела по свој избор во должина од 3000 до 5000 збора. Според условите во конкурсот, делата треба да се објавени во европска земја најмногу пет години пред рокот за поднесување на пријавите и да не се преведени на целните јазици опфатени во конкурсот. Според нашите истражувања, ова е засега единствениот натпревар од ваков вид во Европа, па и во светот: опфаќа преводи од повеќе изворни јазици на повеќе целни јазици, односно на јазиците што се зборуваат во Република Северна Македонија.
Од 2024 година има една единствена награда која ќе ја добие преводот со најмногу вкупни поени од двете комисии: парична награда во износ од 62.000 денари; едногодишно активно членство во ЗПРМ, како и објавување на првонаградените преводи, делумно или во целост, во списанието „Културен живот“ како првичен чекор во пошироката афирмација и градењето на професионалните биографии на добитниците.
Досега се заокружени десет изданија на оваа Награда и доделени се вкупно дванаесет први награди, седум од кои се за преводи на македонски јазик, две за преводи на турски и три за преводи на албански јазик. Притоа, воспоставена е долгорочна соработка меѓу ЗПРМ, филолошките факултети и културните дејци во Република Северна Македонија.
ЗПРМ ќе ја претставува Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон ЗПРМ“ на своите годишни конференции, кои се со регионален и меѓународен карактер, како и на меѓународни конференции на преведувачи, меѓу кои и на Меѓународните конференции на Меѓународното здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI), како и на Годишните собранија на Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL), чија полноправна членка е ЗПРМ. Во 2016 година ЗПРМ ја номинираше наградата „Вавилон“ на натпреварот за 100 најдобри проекти во јазичната индустрија, Language Industry Awards. Наградата се најде меѓу финалистите и го освои дваесет и седмото место.
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија