Веќе имам полни 26 години. Дали имам право да учествувам на конкурсот?
Сè дури не наполните 27 години до крајниот рок за пријавување, имате право да учествувате.
За крајниот рок 30 јули 2024 година, кога треба да биде издадено изворното дело?
Делото не треба да е издадено пред 2019 година, пет години пред рокот.
Дали делото смее да биде објавено во превод на македонскиот пазар?
Делото не смее да е некое веќе објавено целосно или делумно во превод на целниот јазик на кој преведувате, ниту на нашиот пазар ниту во соседните земји.
Ако изворното дело е на шпански, дали авторот мора да биде од Шпанија или може да биде и од Латинска Америка, на пример?
Потеклото на авторот не игра улога. Важно е делото да биде првично објавено во земја во Европа, на еден од службените јазици на земјите во Европа
Дали изворното дело мора да биде издадено во Европа?
Да.
Може ли да користиме преведувачки забелешки?
Се разбира дека може, само внимавајте да не го одвлекувате вниманието од главниот текст со премногу објаснувања и да не ги користите белешките за да ги правдате своите преводни решенија. Дозволете преводот да зборува за себе.
Дали, пред поднесувањето на пријавата, некој треба да го лекторира текстот?
Не е задолжително; тоа е личен избор на учесникот, кој понатаму одговара за преведениот текст како целина. Доколку се решите за лектура, може да го пријавите текстот како заеднички труд со лекторот, кој треба да ги исполнува условите за учество во конкурсот и да биде вклучен во пријавата.
Одлично го познавам шпанскиот јазик, имам меѓународна потврда, но не сум овластен судски преведувач. Дали ги исполнувам условите за учество или, пак, конкурсот е отворен само за одредена група преведувачи?
Конкурсот не е ограничен на ниту една група преведувачи. Единствените ограничувања се возраста на учесниците и изворните и целните јазици.
Дали постои список изворни дела од кој преведувачот треба да избере текст за превод?
Не, не постои таков список. Учесниците може да изберат кое било изворно дело што ги исполнува критериумите наведени во конкурсот.
Дали постои интернет-страница на која може да проверам дали делото веќе е преведено на македонски јазик?
Да, во дигиталниот заеднички каталог на македонските библиотеки ќе ги најдете сите дела објавени во земјава, на кој било јазик: https://plus.mk.cobiss.net/opac7/bib/search?q&db=cobib&mat=allmaterials. Слични такви каталози постојат и во некои од соседните земји, како Србија и Албанија, на пример.
Како да проверам дали делото е првично издадено во Европа, со оглед на тоа што авторот може да потекнува од земја надвор од Европа?
Податоците за местото, како и годината на издавање, но и за бројот на изданието, се наоѓаат во импресумот на секоја книга. Дури и да немате пристап до книгата, со мало истражување на интернет лесно ќе дојдете до тие податоци. Во електронските каталози, како каталозите на издавачите, на пример, честопати има приказ на примерок од книгата, кој најчесто го вклучува и импресумот. Изворниот текст треба да биде првично објавен во Европа во последните пет години. Освен тоа, доколку авторот, без оглед на потеклото, живее и работи во европска земја, големи се шансите делото да ги исполнува потребните критериуми.
Дали авторските права играат каква било улога во пријавувањето, или во објавувањето на победничките текстови?
Преводот на кус извадок од текст за учество во натпревар не задира во авторските права бидејќи повеќето пристигнати текстови воопшто нема да се објават. Што се однесува на победничките текстови, списанието „Културен живот’ води грижа да нема повреда на авторските права при објавувањето, во согласност со законските прописи во оваа област.
Дали е дозволено да доставам превод на цела книга, како на пример роман од стотина страници? Има ли ограничување на должината на пријавениот текст?
Пријавениот превод треба да е долг од 3000 до 5000 збора. Доколку доставите цела книга, комисиите ќе разгледаат и оценат извадок со бараната должина.
Кои документи ми се потребни за да се пријавам?
Покрај примерок од изворниот текст и од преводот, под шифра од пет знака, потребно е да испратите пополнета пријава и копија од личната исправа на следнава електронска адреса: babylonaward2024@gmail.com Поподробни објаснувања околу постапката за пријавување ќе најдете на Како да се пријавите.
Кога треба да ја испратам пријавата за да учествувам во конкурсот?
Пријавата, заедно со целата придружна документација, треба да ни ја испратите најдоцна до крајниот рок, кој за 2024 е 30 јули.
Кој е одговорен за приемот на пријавите?
За приемот на пријавите е одговорно ЗПРМ, односно Организацискиот одбор за наградата Вавилон ЗПРМ.
До кога точно си прифаќаат пријавите?
Сите пријави што ќе пристигнат до 23:59 часот на денот од крајниот рок ќе бидат прифатени.
Со оглед на истапувањето на Обединетото Кралство од Европската Унија, какви книжевни дела на англиски јазик можам да изберам како изворни текстови?
За Вавилон 2024 веќе не се однесува правилото за вклученост на книги исклучиво од ЕУ. Слободно изпратете превод на извадок од некое дело објавено во ОК.