Првото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, партнерски проект на Делегацијата на ЕУ во земјава и Здружението на преведувачи ЗПРМ, беше најавено на Европскиот ден на јазиците, 26 септември, 2013 година. Конкурсот и официјално беше објавен на 2 декември 2013 година.
Наградата е наменета за млади преведувачи до 26 години, кои преведуваат од европските јазици. Конкурсот беше организиран во форма на натпревар, при што кандидатите испраќаа преводи на извадоци – во должина од дваесетина страници – од прозни книжевни дела по свој избор. Според условите во конкурсот, делата не смеат да се постари од три години до крајниот рок на предавање на пријавите, 2 април 2014 година, првите изданија мораше да бидат во некоја од земјите на ЕУ, да бидат оригинално напишани на еден од службените јазици на Унијата и да не постојат во превод на некој од целните јазици опфатени во конкурсот.
Според условите во конкурсот, предвидени се први награди за секој од целните јазици посебно. Се доделуваат само први награди, кои се состојат од парична награда во вредност од 500 евра за секој од наградените текстови, годишно членство во Здружението на преведувачи ЗПРМ, како и објавување на наградените преводи, делумно или во целост, во списанието Културен живот. На првото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ беа доделени две први награди: една за превод од англиски на македонски јазик на извадок од делото Чистачот од Тери Прачет во изработка на Ѓурѓица Илиева и Марија Спирковска, и една за превод од англиски на турски јазик на извадок од романот Лонгборн од Џо Бејкер во изработка на Ајнур Касо.
На првото издание од конкурсот до комисијата пристигнаа пријави од девет изворни на два целни јазика. Пријавите минаа низ три круга на селекција.
Наградата беше доделена на Европскиот ден на јазиците, 26 септември 2014 година, во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Наградите ги врачија – Министерот за образование и наука, Абдулаќим Адеми, шефот на Одделот за соработка на ЕУ Инфо центарот Мартин Клауке и претставникот од Министерството за култура, Борче Николовски. Бидејќи разликите меѓу првите неколку места се состоеја во нијанси, иако тоа не беше предвидено во конкурсот, организацискиот одбор реши да им додели пофалници и на второто и третото место: на Илија Трајковски за превод од полски на македонски на извадок од делото Морфиум од Шчепан Твардох, односно на Зорица Петкоска и Никола Ѓелинчески за превод од англиски на македонски јазик на извадок од делото Танц со змејови од Џорџ Р. Р. Мартин.
На доделувањето беше најавено и второто издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, а конкурсот официјално беше објавен во декември 2014 година.
http://www.time.mk/c/7742d5a97d/dodelena-nagradata-za-najdobar-mlad-preveduvac-vavilon.html