Второто издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“, партнерски проект на Делегацијата на ЕУ во земјава и Здружението на преведувачи ЗПРМ, беше најавено на 26 септември 2014 година во рамките на одбележувањето на Европскиот ден на јазиците.
На второто издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ се пријавија млади преведувачи од пет изворни – англиски, бугарски, италијански, француски и шпански – на два целни јазика, македонски и турски. Пријавите минаа низ трите круга на селекција и според сумираните резултати на Организацискиот одбор беше доделена една прва награда за превод од италијански на македонски јазик на извадок од делото Седи си сам и никогаш нема да се избламираш на Николо Аманити во изработка на Кристијан Фиданоски. Наградата беше доделена на 28 септември 2015 година во ЕУ Инфо центарот во Скопје. Бидејќи разликите меѓу првите неколку места беа навистина незначителни, Организацискиот одбор, како и минатата година, реши да им додели пофалници и на второто и третото место: на Зорица Петкоска за превод од англиски на македонски јазик на дел од романот Бестрашност на Роди Дојл и Сања Таневска за превод од шпански на македонски јазик на дел од романот Ваби-Саби на Франсеск Миралјес. Оваа година беше доделена и пофалница на Зорица Петкоска и Никола Ѓелинчески за креативност во изнаоѓањето преводни решенија на македонски јазик за преводот на дел од романот на Чајна Том Миевил Шиноморје.
На доделувањето беше најавено и третото издание на Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“.
Здружението на преведувачи ЗПРМ ја презентираше Наградата за најдобар млад преведувач „Вавилон“ на Третата меѓународна конференција на Меѓународноto здружение на професионални преведувачи и толкувачи (IAPTI) во Бордо, Франција, на 5 и 6 септември 2015 година. По презентацијата на наградата, Здружението доби покана да се зачлени во Европскиот совет на здруженија на книжевни преведувачи (CEATL) и да ја презентира наградата пред делегатите на годишното собрание што ќе се одржи во Барселона во јуни 2016 година.
Членовите на Организацискиот одбор на „Вавилон“ и претставници на Делегацијата на ЕУ во земјава ги презентираа резултатите од второто издание на наградата пред своите колеги во Брисел.